Две недели по изборите во САД, повеќето Американци веруваат дека новиот претседател Доналд Трамп добро ќе ја извршува претседателската функција, иако малкумина го одобруваат начинот на кој тој ја управува транзицијата на власта, покажува најновата анкета на Си Ен Ен и агенцијата за испитување на пазарот ОРЦ.
Доека 53 проценти од испитаниците сметаат дека Трамп би бил многу добар или прилично добар претседател, 40 отсто велат дека имаат многу доверба во Трамп кога станува збор за решавање на економските прашања, истакнува Си Ен Ен.
Тие 40 проценти се многу повеќе во споредба со бројот на Американците кои изразуваат доверба во неговите претходници Барак Обама, Џорџ Буш, Бил Клинтон и Роналд Реган воочи ивната инаугурација.
Околу три четвртини од испитаниците велат дека Трамп веројатно ќе ја укине здравствената програма Обамакеар, додека две третини сметаат дека тој повторно ќе преговара за спогодбата НАФТА, а шест од 10 испитаници сметаат дека Трамп ќе отвори добро платени места во економски згрозените области.
Исто така, 63 отсто од Американците кои учествувале во анкетата изразуваат очекување дека економијата ќе биде во добра состојба за една година, што е најголем процент кои така мислат, од септември 2012 година.
Но Американците се поделени кога станува збор за предвидувањата дали Трамп ќе го намали нивото на корупција во Вашингтон, при што 51 отсто сметаат дека за тоа постои голема веројатност.
Половина од испитаниците веруваат дека Трамп веројатно ќе ја порази исламската држава, додека 48 проценти сметаат дека е веројатно да биде изграден ѕид долж границата со Мексико.
Околу 66 проценти од Американците велат дека претседателскиот мандат на Трамп ќе донесе промени во земјата, но само 43 проценти мислат дека тие промени ќе бидат добри.




