Двајцата преостанати претенденти за претседателската кандидатура кај Демократите Хилари Клинтон и Берни Сандерс лесно би го победиле фаворитот за претседателска кандидатура кај Републиканците Доналд Трамп, доколку претседателските избори во САД би се одржале сега.
Ова го покажува анкетата на Си Ен Ен објавена пред денешниот тнр. супер вторник кога во 12 сојузни држави една американска територија ќе се одржат внатрепартиски избори.
Според анкетата Клинтон би освоила 52 проценти од гласовите, додека Трамп 44 проценти.
Но поранешната државна секретарка би имала повеќе проблеми доколку нејзин противкандидат на изборите биде некој од сенаторите Марко Рубио и Тед Круз.
Во соочувањето Клинтон – Рубио, таа би освоила 50 проценти, додека Рубио 47 проценти од гласовите. Против Круз, Клинтон би имала 48 проценти поддршка, додека тој би добил 49 проценти.
Сандерс кој има најдобар рејтинг од сите претседателски кандидати на терен, според оваа анкета води пред сите тројца претенденти од Републиканците. Во однос на Круз, неговата предност е 57 проценти спрема 40 проценти, додека спрема Трамп, односот е 55 проценти за Сандерс, а 43 проценти за мултимилионерот. Во однос на Рубио, Сандрес би добил 55 проценти поддршка, додека Рубио 45.

Анкетата покажува и дека Сандерс ужива поголема поддршка кај мажите, младите гласачи и независните, во однос на неговата противкандидатка Клинтон.
Анкетираните одговарале и на прашањето, на кого најмногу му веруваат во седум клучни области, без разлика на која партија припаѓа. Трамп води на листата во однос на економијата, тероризмот и имиграцијата, додека Клинтон има предност во однос на здравствената заштита, расните прашања и надворешната политика.
Во однос на контролата на оружје, мислењата на анкетираните се поделени меѓу ставовите на Трамп и Клинтон.
Анкетата на Си Ен Ен е спроведена телефонски од 24-27.февруари на случаен примерок од 1.001 испитаник.




