Секој втор Русин смета дека Москва би имала право да употреби воена сила за да го спречи Киев да се приклучи кон НАТО, покажуваат резултатите од анкетата на „Си-Ен-Ен“ во Русија и во Украина. Една четвртина од испитаниците, пак, сметаат дека такво нешто би било погрешно.
Анкетата, сепак, покажува дека повеќето Руси сметаат дека би било погрешно да се користи воена сила „за обединување на Русија и Украина“, две земји со долга и комплицирана историја на односи.
Анкетата покажува дека 43 отсто од Русите веруваат дека употребата на воена сила против Украина со цел приклучување кон Русија би било погрешно. Во исто време, 36 отсто од испитаниците веруваат дека тоа би било правилно. Другите испитаници одговориле дека не знаат што е правилно.
Од друга страна, повеќето луѓе во Украина не се согласуваат со употребата на сила против нив. Седум од десет испитаници таму велат дека би било погрешно Русија да употреби воена сила за да ја спречи Украина да влезе во НАТО (70 отсто) или да ги обедини двете земји (73 отсто).
Повеќето Украинци го отфрлаат тврдењето на рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот дека нивната земја нема историска основа и дека во суштина е креација на Советскиот Сојуз.
Мнозинството Украинци велат дека не се „еден народ“ со Русите и дека двете држави не треба да бидат една целина.
Анкетата, која опфати над 1.000 лица во секоја земја, е спроведена онлајн од 7 до 15 февруари.




