Младите Европјани сакаат да им ги отворат портите на имиграцијата без оглед дали станува збор за луѓе кои бегаат од војна и бегаат од нивната земја од други причини.
Ова е резултатот на анкетата на УЕР, Европска унија на радио-телевизијата, водена во 14 земји помеѓу млади од 18 до 34 години.
Додека нивните родители, баби и дедовци се вртат кон популизмот и национализмот, оваа анкета влева надеж за иднината на европскиот континент.
Така, 73 отсто млади сметаат дека имиграцијата е богатсво за едно општество.
Според резултатите, оваа генерација млади, наречена “генерација ипсилон”, е далеку поотворена од владите кои ги водат нивните земји. Една третина од нив велат дека се подготвени за ги примат сите бегалци без оглед на причината за нивното бегство од родната земја а втората третина сака отворени граници за бегалци од војна.
Младите Европјани не се националисти. Околу 60 отсто од нив не се подготвени да ја бранат нивната земја, религијата не е дел од нивниот идентитет и сметаат дека таа е застарен концепт. Само 15 отсто млади сметаат дека религијата е клуч за среќа.
Анкетата тврди дека младите се интересираат за политика. Над 80 отсто велат дека немаат доверба во нивниот политички систем но 69 отсто велат дека гласаат и би биле несреќни ако тоа право им биде одземено. Младите Европјани сметаат дека политичарите се корумпирани а немаат верба ниту во медиумите. Над 80 отсто велат дека не им веруваат на медиумите.
Иако младите немаат доверба во ЕУ тие сепак не би сакале нивната земја да ја напушти Унијата – 76 отсто велат дека нивната земја треба да остане или да стане членка на ЕУ.
На прашањето што ги прави среќни, 98 отсто велат дека тоа е музиката а 73 отсто ги бираат книгите како извор на среќа.
Изненадувачки, модерните технологии не се многу важни за младите и 63 отсто тврдат дека можат да живеат без мобилен телефон а 50 отсто велат дека можат и без интернет. Осум од десет млади велат дека не им треба телевизија за да бидат среќни.
Анкетата е резултат на проект воден над една година во 14 земји: Австрија, Белгија, Чешка, Франција, Германија, Грција, Ирска, Италија. Холандија, Шпанија. Швајцарија, Велика Британија, Луксембург и Белорусија.




