Десничарската конзервативна Швајцарска народна партија (SVP) , која води анти-мигрантска политика во земјата, е победник на парламентарните избори кои се одржаа во Швајцарија за време на викендот, покажуваат излезните анкети.
„Преселбата на народите кон Европа, ги одлучи изборите“, изјави претседателот на SVP, Тони Брунер по објавувањето на резултатите од излезните анкети кои ги потврдуваат предизборните истражувања на јавното мнение.
Предизборната кампања партијата ја концентрираше единствено на ветувањето за намалување на доселувањето, заострувањето на законите за доселување и спречувањето на злоупотреба на правото на политички азил, иако Швајцарија не е една од главните дестинации на мигрантите и бегалците во големиот мигрантски бран што ја зафати Европа.
SVP се залага и за оддалечување на Швајцарија од Европската унија.
Според коментаторите, успехот на националистите претставува придвижување на земјата кон десно, што е продолжување на трендот забележан уште на последните парламентарни избори во 2007 и во 2011 година.
Според резултатите, SVP освоила 28 отсто од гласовите, пред Социјалдемократската партија (SP) со 18,6 отсто. Во следниот состав на Националниот совет SVP ќе претставува најсилна пратеничка група со 65 пратеници во 200-члениот парламент, односно 11 пратеници повеќе отколку што имаше во претходниот состав. Социјалдемократите во парламентот ќе имаат 44 пратеници, или два помалку од претходните избори.
Лоберално-демократската партија (FDP) ќе биде застапена со 33 пратеници, додека Христијанско-демократската партија (CVP) освоила 23 места во Националниот совет.
Изборите во Швајцарија ретко доведуваат до поголеми промени во владата којашто има само седум членови, а ресорите се однапред рамноправно поделени меѓу најсилните партии.




