На масовниот антимигрантски собир во холандскиот град Хеш синоќа избија судири, откако полицијата започнала акција за раструрање на околу 1.000 учесници на маршот против отворање бегалски центар во градот.
Демонстрантите излегоа на улиците во исто време кога во зградата на локалната власт претставниците разговарале за плановите за сместување на околу 500 бегалци во следните 10 години.
Протестите започнаа мирно, а демонстрантите носеа транспаренти со слогани „Запрете ги азилските бесмислици“, и маршираа кон зградата на градската управа, врз која на крајот фрлаа со јајца.
Екстремно десничарските активисти се обидоа и насилно да влезат во зградата, поради што функционерите мораа да го прекинат состанокот и да бидат евакуирани.
Врз полицискиот кордон распореден околу зградата демонстрантите испукале огномет и светлечки ракети.
Во соопштението на градоначалничката Мариеке Морман се наведува дека градот и дал на полицијата дополнителни овластувања, откако работите излегле од контрола.
Засега нема информација колку се притворени или евентуално повредени во судирите, кои избија неколку часа откако екстремно десничарскиот политичар Герт Вилдерс побара бегалците мажи муслимани да се заклучат во азилските центри, а потегот го оправдува како мерка за заштита на холандските жени по наапдите во Келн на новогодишната ноќ.
Според демонстрантите бројката од 500 баратели на азил во овој град е несразмерно голем во споредба со 12.500 жители.




