Дваесет и четири полицајци се повредени, три од нив сериозно, за време на протестите против предложениот закон за труд во Франција, пренесе BBC.

Повеќе од 100 демонстранти се уапсени на улиците на големите градови. Некои од нив гореа гуми и фрлаа шишиња и камења на полицијата.

Министерот за внатрешни работи, Бернард Казнев рече дека организаторите на протестите треба да ги осудат овие „екцеси од страна на хулиганите“. Еден од полицајците е во критичка состојба, рече тој.

Демонстрациите се одвиваат во повеќе градови, вклучувајќи го Париз, Рен и Марсеј. Некои од најжестоките судири се одвиваа во главниот град.

Предложениот закон, кој ќе биде дебатиран следната недела во парламентот, ќе отстрани дел од заштитата која ја имаат работниците при отпуштање, во обид да се охрабрат компаниите да вработуваат повеќе луѓе.

Предложен е како мерка за борба со невработеноста но опонентите велат дека ќе им дозволи на работодавците да ги намалат работничките права. Против мерката се протестираше изминативе два месеци а следни протести се најавени за Први Мај.