Олексеј Арестович, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, денеска изјави дека приоритет за Русија и натаму е преземање на контролата врз Киев, но оти таквиот обид би бил „самоубиство“ за Москва.
Според него, „активните напади“ меѓу двете страни би можеле да завршат за две до три седмици.
Руските сили, речиси, четири недели се обидуваат да го заземат главниот град на Украина.
Претходно, британското разузнување соопшти дека руските сили „издржале уште еден ден на ограничен напредок, при што повеќето сили во голема мера се во застој“.
Според официјален Киев, Москва досега претрпела големи загуби во војната, наводно се убиени околу 15.000 руски војници, а стотици тенкови се уништени.
Во меѓувреме, советничката на украинската Влада, Љубов Цибулска изјави дека за евентуален крај на војната, Русија треба да ги повлече силите од Украина.
„Знаеме дека има одреден круг на луѓе во руската власт кои разбираат дека оваа војна води кон руски колапс. Очекуваме тие да направат нешто. Постои шанса моќта на Путин да биде ограничена од неговиот народ“, додаде Цибулска.




