Армијата на Мјанмар денеска информираше дека припадници на безбедносните сили и локалните жители – будисти – убиле 10 муслимански Рохинџи во селото Ин Дин.
Ова е првиот случај армијата на Мјанмар да преземе одговорност за убиство на цивили Рохинџи откако летово се интензивираше конфликтот помеѓу будистите и муслиманите во западен Мјанмар.
– Точно е, селаните и безбедносните сили признаа дека убиле 10 Рохинџи. Војската ќе ги повика на одговорност лицата кои ги прекршиле наредбите. Овој инцидент се случил затоа што терористите им се заканувале на селаните кои се будисти, соопшти армијата.
Масовната гробница во која биле закопани телата на убиените муслимани беше пронајдена во декември. Се проценува дека над 650.000 Рохинџи беа протерани од Мјанмар од летоска, и тие сега се наоѓаат главно во кампови во соседниот Бангладеш.




