Хенрик Мкитарјан се сели од Лондон во Рим. Арсенал и Рома постигнаа договор за позајмица на 30 годишниот Ерменец за кој „волчицата“ се согласи да плати надомест и да ги преземе обврските што „топчиите“ го имаат кон него, наведуваат британските и италијанските медиуми.
Овие денови Мкитарјан се очекува во Вечниот град на лекарски прегледи и парафирање на едногодишен договор со Рома по чие завршување калчолигашот нема ниту обврска ниту опција за негов откуп.
Мкитарјан пристигна во Арсенал од Манчестер јунајтед во зимскиот преоден рок во 2018 година за 34 милиони евра. Од тогаш за „топчиите“ одигра 59 натпревари во кои постигна девет гола. Кариерата ја почна во Пјуник од Ереван, а играше и за Металург Доњецк, за Шахтјор Доњецк и за Борусија Дортмунд. За репрезентацијата на Ерменија дебитира во 2007 година и досега одигра 83 меча во кои постигна 27 гола.