Основачот на Викиликс Џулијан Асанж денеска во емотивното обраќање до поддржувачите од балконот на Амбасадата на Еквадор во Лондон рече дека одлуката на комисијата на ОН дека неговиот притвор е незконски е „победа“.
– Ова е толку добро! Ова е победа која не може д абид енегирана. Тоа е победа од историско значење, рече Асанж, додавајќи дека дошло време неговите деца да си го добијат својот татко повторно.
Покажувајќи копија од одлуката на работната група на ОН, Асанж повтори дека се работи за незаконски, неморален и неетички притвор.
– Овој процес ме направи посилен и можам да поднесам, Меѓутоа, какво право има оваа или американската или шведската влада на моите деца пет години да им го скратат правото да имаат татко?, праша тој.
Претходно Асанж преку видео конференција од Амбасадата во која се наоѓа од јуни 2012 година разговараше со новинарите, при што побара од владите на Британија и на Шведска да ја почитуваат одлуката и да го укинат притворот.
Шефот на правната служба во Шведското Министерство за надворешни работи изјави дека Асанж доброволно влегол во Амбасадата на Еквадор во Лондон и дека шведските власти никогаш не го уапсиле.
Во соопштението од британските власти се наведува дека Велика Британија никогаш произволно не го лишила Асанж од слобода и најави жалба на одлуката на ОН.
Асанж стравува дека Шведска ќе го екстрадира во САД каде би можел да се најде пред суд за објавување доверливи воени и дипломатски документи преку Викиликс.




