Киргистанската влада соопшти дека грешка на пилотот е можна причина за несреќата на турскиот товарен авион од типот Боинг 747-400.
– Владата ја разгледува можноста, причина за уривањето да е грешка на пилотот, но се уште е премногу рано да се донесе заклучок, се вели во изјавата на заменикот премиер на Киргистан, Мукхаметкали Абулгазуев, пренесува државната новинска агенција Кабар.
Турската компанија АЦТ Ерлајнс потврди дека еден од нејзините авиони се урнал за време на летот од Хонг Конг до Бишкек.
– Причината за несреќата во моментов не е позната и повеќе детали ќе бидат соопштени откако ќе бидат достапни, изјавија од компанијата со седиште во Турција.
Операцијата за спасување во која учествуваат над 1.000 припадници на полицијата, службите за итна помош и војската и натаму е во тек, изјавија официјални лица. Според нив, бројот на жртви би можел и натаму да расте.
Најмалку 37 луѓе загинаа, откако турскиот товарен авион се урна во станбен дел во близина на главниот град на Киргистан, Бишкек, неколку километри од пистата.
Меѓу 37 настрадани се и 6 деца од селото каде се урнал авионот при слетувањето во услови на густа магла, врз15 куќи. Најмалку 15 од настраданите се жители на селото, а останатите се екипаж во авионот.




