Австралија планира своите граѓани кои се евакуирани од Вухан да ги смести на остров кој е 2000 километри одалечен од копното.
Премиерот на Австралија, Скот Морисон потврдил дека планираат околу 600 државјани кои заглавени во епицентарот на вирусот, во Вухан, да се евакуираат и бидат задржани две недели на Божиќниот остров, објави „Сандеи морнинг хералд“.
Авионската компанија Квантас се подготвува да лета во Вухан за да евакуира стотици Австралијци заробени во епицентарот на смртоносниот корона вирус, бидејќи владата на Морисон го претвора Божиќниот остров во карантинска зона, пишува весникот.
Комисијата за национална безбедност го спроведува планот за евакуација од утринава за трансфер на австралиските државјани од кинеската провинција Хубеи, од каде ќе бидат однесени во карантин на Божиќниот остров.
Медиумите во Австралија пишуваат дека Морисон најавил дека ќе бидат поделени 1 милион маски од националниот медицински фонд, откако Владата ја разгледала информацијата дека корона вирусот може да се пренесе и без симптоми. Лекарите дополнително побарале итно да се надополнат залихите со хируршки маски бидејќи се подготвуваат да се справат со прилив на сомнителни случаи на коронавирус.
„Маските ќе бидат дистрибуирани денес преку локалните мрежи за јавно здравје, до општите амбуланти и фармацевтите во области каде што резервите беа потрошени поради огнената стихија“, изјави Морисон пред новинарите во Канбера.
Од корона вирусот досега починаа 132 луѓе во Кина. До денеска се потврдени 6000 случаи со сиптоми слични на грип. Повеќе од 80 случаи се регистрирани надвор од Кина, додека пет се потврдени во Австралија.




