Парламентот во Австралија ја повлече забраната воведена претходно овој месец, која се однесуваше на носењето бурка и никаб во законодавниот дом.
На 2 октомври Парламентот донесе одлука дека на посетителите со покриени лица нема да им биде дозволен пристап до отворените места на терасите на двата дома на Парламентот, туку ќе мораат да стојат на специјални места заградени со бесшумни стакла, кои обично се користат за ученички групи кои доаѓаат да го посетат Парламентот. Одлуката беше донесена како безбедносна мерка против тероризмот.
Неколку политичари и медиуми реагираа до Парламентот дека со ваквото решение муслиманките се дискриминираат и се ставаат во група граѓани од втор ред.
Неколку часа пред денешната работа на Парламентот оваа одлука е повлечена по интервенција на премиерот Тони Абот, и соопштено е дека жените кои носат бурка или никаб повторно ќе можат да седат на отворените места за публика.




