Министерката за здравство на Австралија Сузан Леј поднесе оставка поради скандалот во врска со патните трошоци, по што веднаш е наложено повнимателно да се следи како политичарите ги трошат парите.

Медиумите коментираат дека ова е на некој начин срамен почеток на годината за премиерот Малколм Турнбул.

– Австралијанците имаат право да очекуваат политичарите повнимателно да ги трошат парите на даночните обрзници, изјави Турнбул.

Бурата во јавноста започна кога се дознало дека Леј, за време на работната посета, купила стан во Гоулд Кост од 795.000 австралиски долари.

Министерката во соопштението истакнува дека не ги прекршила правилата, но дека сепак одлучила да поднесе оставка откако ја „посрамила владата“.

Таа е под истрага поради сомнение дека со парите на даночните обврзници плажала патувања.

По сознанијата дека некои други министри пријавувале трошоци на сметка на присуство на спортски настани, премиерот наложил формирање на независна агенција која внимателно ќе следи како политичарите ги трошат парите.

Во рамки на новите измени на прописите, сите трошоци на државните органи ќе бидат објавувани на месечно ниво и ќе бидат достапни во база на податоци. Според сегашниот систем, расходите се објавувани два пати годишно.

– Цврсто верувам дека клуч за решението на проблемите е транспарентноста. Светлината на денот е најдобар лек, изјави Турнбул за новинарите во Сиднеј.

Според него, новото тело ќе биде копија на британскиот модел, воспоставен во 2009. по скандалот поврзан со собраниските трошоци, поради кои во затвор завршија неколку пратеници, пренесува Франспрес.