Министерот за одбрана на Австрија Ханс Петер Доскоцил предлага воено- цивилна мисија за заштита на границите во Македонија и Србија и воспоставување на центри за регистрација на бегалците, бидејќи Грција не е во состојба да ја обезбеди надворешната граница на ЕУ, пишува виенскиот весник Стандард.
Австрискиот министер во интервју за весникот вели дека не смее да се дојде до ситуација десетина илјади бегалци да останат заробени во Србија и Македонија.
Според него, принципот на работа во овие земји треба да биде ист како и во Грција односно да се работи на што поуспешно справување со масата луѓе кои доаѓаат. Доскоцил објаснува дека балканската рута ја ставил на дневен ред на минатиот состанок на министрите за одбрана на ЕУ за да може што побрзо да се постигне договор.
– Следната недела претстои важен развој на настаните во Грција и во Турција по прашањето за обезбедување на границите на ЕУ. Ако експертите дојдат до заклучок дека можеме да ги обезбедиме границите и дека ни е потребен центар во Србија и во Македонија, тогаш тоа треба да го преточиме во една цивилно – воена мисија, вели Доскоцил.
Тој тврди дека од Македонија и од Србија има сигнали дека земјите се подготвени за тоа, оценувајќи дека трошоците за учество на војската во мисиите во странство се далеку помали од последиците. Воедно ја критикува и Унијата поради недостаток на конкретно управување со кризата.
– Ако успееме да го реализираме нашиот предлог за мешано полициско – воено обезбедување на границите во Србија и Македонија треба да се стават на располагање сите средства. Иако таа мисија на ЕУ би ја предводел Фронтекс, ние би учествувале бидејќи се работи за ситуација директно пред нашиот праг, вели Доскоцил.



