Австрија би сакала мигрантите кои пристигнуваат во Грција да бидат вратени во Турција и тоа да го прави Фронтекс, европската агенција за заштита на границите на ЕУ.
Ова го изјави денес австрискиот канцелар Вернер Фајман:
“Фронтекс мора да ги сопре луѓето кои бегаат кон Грција. Сите тие луѓе мораат да се спасат но потоа да бидат испратени во Турција. Така Фронтекс нема само да ги спасува мигрантите туку ќе биде и вистински сервис за заштита на границите”, изјави тој за таблоидот Остерајх.
Тој додава дека овој “оптимален предлог” и “единствена ефикасна мерка за да се сопрат мрежите на шверцери” му го презентирал на турскиот премиер Ахмет Давутоглу.
Според австриската агенција АПА, за возврат Турција ќе добие брзо деблокирање на ветените три милијарди евра помош.
Холандското претседателство со ЕУ излезе со ваков предлог кон крајот на јануари. Во него се вели дека десет земји членки, помеѓу кои и Австрија, работат на проект за испраќање во Турција на сите мигранти кои секој ден пристигнуваат во Грција. Доколку ова се реализира, ЕУ ветува дека ќе земе кај себе 250.000 бегалци кои сега се наоѓаат во Турција.
Многу организации стравуваат дека овој предлог не е легален според меѓународното право.
Следната недела се предвидени средби помеѓу Турција, холандското претседателство со ЕУ и германската канцеларка Меркел на кои ќе стане збор за овој предлог.
Австриската влада најавува дека е спрема на го кочи доаѓањето на бегалците на границата преку зајакнати контроли а од средината на февруари ќе има дневник квоти за влез во земјата. Властите не прецизираа за колкава квота се работи.
Австрија со 8,7 милиони жители прими 90.000 бегалци во текот на 2015 година што претставува само еден отсто од нејзиното население.




