Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо ги повика Русија и Украина да ги завршат преговорите за земјата на Порошенко да може да добие достава на гас.
Баросо нагласи дека вчера разговарал со претседателот на Украина Петро Порошенко за време на тристраните разговори за гасот во Брисел.
Според досегашниот предлог, Киев треба да му плати 3.1 милијарда долари стар долг на рускиот гигант „Газпром“, од кои 2 милијарди до крајот на октомври.
Во замена „Газпром“ се ангажира да ја обнови доставата на гас за Украина, со минимален капацитет од 5 милијарди кубни метри со цена до 385 долари за 1000 кубни метри.
Во меѓувреме рускиот гигант „Газпром“ ги напушти преговорите во Брисел.
„Ако има нешто за што може да се дискутира, ние ќе се вратиме“, изјави денеска портпаролот на компанијата Сергеј Купријанов. „Европската комисија и Украина треба да решат голем број прашања поврзани со финансиите. А без тоа, продолжувањето на трилатералните преговори е бесмислено“.
Руската, украинската и делегацијата на ЕУ денеска во Брисел продолжуваат да разговараат за допрецизирањето на договорот за гас, со што зимава би продолжило снабдувањето на Украина и Европа.




