Комисијата на Обединетите нации која го истражува случајот на Жулијан Асанж утре ќе објави одлука во негова корист, пишува BBC.
Асанж е под заштита на еквадорската Амбасада во Лондон од јуни 2012 година, за да ја избегне опасноста да биде екстрадиран во Шведска каде се бара за да биде сослушан во врска со обвиненијата за сексуално насилство врз две жени во 2010 година.
Претходно, тој преку Твитер порача дека доколку ОН смета дека тој не е во право, ќе и се предаде на британската полиција, но потенцираше дека Велика Британија треба да го укине налогот за негово апсење доколку ОН одлучи во негова корист.
– Доколку ОН објави утре дека сум го загубил случајот против Велика Британија и Шведска, јас ќе ја напуштам Амбасадата в петок попладне и ќе се согласам да бидам уапсен од британската полиција, бидејќи нема сериозни перспективи за нова жалба, напиша Асанж.
Комисијата на Обединетите нации која го разгледува случајот, располага со докази и од Велика Британија и од Шведска.
И покрај тоа што BBC пишува дека одлуката ќе биде во негова корист, Викиликс денес исто така преку Твитер, се огласи дека ќе почека официјална потврда на информацијата.




