Али Ахмети и Мендух Тачи, лидерите на ДУИ и ДПА нема да бидат дел од големата делегација на претседателот Ѓорѓе Иванов меѓу која се и партиските лидери Груевски и Заев, кои денеска ќе учествуваат на прогласувањето на Мајка Тереза за светица во Ватикан.
Од кабинетот на претседателот најавија дека член на делегацијата ќе биде и Али Ахмети, но во ДУИ велат дека причина за нивното неучество е тоа што делегацијата ќе биде предводена од претседател кој го сметаат за нелегитимен.
„Поканата е упатена до нас. Но, бидејќи делегацијата ќе биде предводена од претседателот Иванов, кој за ДУИ е нелегитимен, ние не прифативме да се придружиме на делегацијата која ќе ја претстави Македонија на канонизацијата на Мајка Тереза“, велат од ДУИ.
Претходно и од ДПА најавија дека и тие нема да бидат дел од македонската делегација.
СДСМ преку соопштениe утринава информира дека Зоран Заев е во дводневна посета на Рим, заедно созаменик претседателката Радмила Шекеринска и од членот на Комисијата за европски прашања на СДСМ, Бартоломеј Кајтази.
Претседателот Иванов уште минатиот месец ги покани четворицата лидери на церемонијата во Рим „како одлична можност да покажеме единство пред македонските граѓани и меѓународната јавност“.
На свеченоста, ќе присуствуваат министерот за надворешни работи, Никола Попоски, и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, делегации на Католичката црква во Република Македонија и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, градоначалникот на Град Скопје, како и член на семејството на Мајка Тереза.
Македонија, Албанија и Индија во Ватикан ќе имаат посебно место на свеченоста, како земји на нејзиното раѓање, потекло и мисија.




