Преговарачите од Соединетите Американски Држави и од Европската Унија се состанаа повеќе пати и постигнаа огромен напредок, изјави денеска економскиот советник на Белата куќа, Кевин Хесет.
Имаше многу дискусии со ЕУ. Постигнуваме огромен напредок. Тоа ќе биде многу добро за американските работници, особено во автомобилската индустрија, рече Хесет за Фокс Њуз.
Инаку претставници на ЕУ во моментов се во Вашингтон на разговори за тарифите наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп. Трамп во средата објави 90-дневна пауза на најтешките нови „реципрочни“ тарифи, кои ги воведе една недела порано на речиси секоја земја во светот, вклучително и на Европската Унија.
Тој во саботата рече дека би можел да размисли за ослободување од царините од 10 отсто за стоки од повеќето земји со кои САД имаат трговски односи, иако нагласи дека ова е „речиси минимална тарифа“ за земјите кои сакаат да преговараат за трговски договори.
Како одговор на потегот на Трамп, Европската комисија објави дека ќе ги суспендира и контрамерките насочени кон САД на 90 дена.