Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

34 години АРМ: Од „боси по трње“ до рамноправна и достојна членка на НАТО

August 16, 2026

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Белешка за еднаквоста во граѓанска држава, а не во држава на „природни“ сопственици

0
By Zoran Ivanov on June 1, 2026 ИЗБОР
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Monday, June 1, 2026 12:47

За лажното граѓанство, хиерархијата на припадноста и правото на сите заедници да бидат видливи, признаени и еднакви.

Џабир Дерала

Не е непознато, но мора постојано да се повторува: балканските општества боледуваат од длабоки етнички поделби. За политичките елити, тие поделби не се проблем што треба да се реши, туку ресурс што треба да се експлоатира. Преку манипулација, поларизација и продлабочување на стравовите, тие остануваат актуелни, ја освојуваат власта или ја задржуваат.

Од друга страна, во академските, граѓанските и медиумските кругови, дури и кај оние што се претставуваат како прогресивни, процесите поврзани со подобрување на меѓуетничките односи и социјалната кохезија често остануваат второстепени. Или, пак, се задушуваат во наративи, празни фрази и теоретизирање што имаат малку врска со реалноста. Всушност бегаат од суштината со апстрактни дебати, дипломатски удобни и политички коректни публикации и проекти кои се тотално површни. И наместо да ги предизвикаат националистичките структури, тие често им служат како параван, односно обезбедуваат докази дека „нешто се прави“, а за тоа време суштинските проблеми остануваат недопрени.

Ова е белешка за основните позиции од кои мора да тргне секоја сериозна дебата за граѓанската држава, етничките права, еднаквоста и заедничката иднина. Не е заснована на теорија, туку на живи сведоштва од тешкото секојдневие на граѓанките и граѓаните од сите заедници што ја делат оваа мала, кревка и заедничка држава.

Кога се вели дека Северна Македонија треба да биде граѓанска држава, а притоа се повикува „доста веќе со етничките прашања“, всушност, се прави опасна замена на тези.

Како тоа?

Граѓанската држава не значи држава во која етничките, јазичните, културните или верските идентитети се потиснуваат во име на некаква апстрактна „нација од индивидуи“. Напротив. Вистинската граѓанска држава е токму онаа што ги гарантира правата на сите граѓанки и граѓани – и како индивидуи, и како припадници на заедници.

Северна Македонија, според Уставот, е граѓанска и социјална држава. Но таа е и мултиетничко, мултиконфесионално и мултикултурно општество. Тие две нешта не се спротивставени. Напротив, тие се услов едно за друго.

И тука треба да се направи уште една важна разлика. Градењето на нацијата (ако воопшто го користиме тој поим во современа, демократска смисла) не значи бришење на разликите. Не значи претопување на различните идентитети во еден доминантен етнички, културен или јазичен калап.

Во граѓанска држава, носители на државноста се граѓанките и граѓаните. Тие ја сочинуваат политичката заедница на државата. Но таа политичка заедница не смее да биде изговор за наметнување на етничкиот карактер на една заедница врз сите други.

Со други зборови, граѓанската држава не е и не смее да биде пригоден параван на етничкото мнозинство. Таа е заеднички политички дом на сите граѓанки и граѓани.

Затоа, повикувањето на „градење нација“ станува проблематично во моментот кога под тој поим се подразбира тивка асимилација, релативизирање на етничките права или притисок различностите да се повлечат од јавниот простор. Таквото „градење нација“ не е граѓански проект. Тоа е проект на доминација, заштитен со пристоен политички речник, за да се остане под радарот на меѓународната заедница и меѓународното право, а и да се привлече некој милионски грант за „унапредување“.

Вистинското градење на заедничка држава не бара од луѓето да се откажат од тоа што се. Напротив, бара државата да биде праведна, широка и демократска за сите да можат да ѝ припаѓаат без страв дека нивниот идентитет ќе биде третиран како пречка.

Затоа, кога некои „загрижени демократи“ ќе воскликнат: „Доста веќе со етнички права, да градиме граѓанска држава“, тие не нудат граѓански концепт. Нудат национализам, прикриен зад граѓански вокабулар. Не многу успешно прикриен, впрочем.

Таквиот пристап подразбира дека некој од позиција на моќ одлучува кои права се „вистински граѓански“, а кои се „премногу етнички“. Ова проблем. Суштински. Затоа што во моментот кога некој почнува да селектира кои човекови права заслужуваат јавна дебата, институционална заштита и политичко внимание, тој веќе не зборува за граѓанска држава, туку за држава во која мнозинството ја дефинира границата на слободата.

А тоа не е граѓански концепт. Тоа е хиерархија.

Во таква рамка, тесна до задушување, граѓанките и граѓаните – Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби, Власи, Хрвати, Евреи, Бугари и други – се лишуваат од правото самите да кажат кои прашања се важни за нивната еднаквост, достоинство и припадност во државата. Односно, тие се еднакви само на хартија, додека во реалноста се третираат како „помалку еднакви од еднаквите“. Така се нормализира наративот според кој Албанец „нема право“ да ги застапува државните интереси на земјата. Или, според истата логика, ако некој не е етнички Македонец, тогаш нема право да пишува, да говори или да дебатира за потребата од внесување на Бугарите или која било друга заедница во Уставот.

Тоа е основата на проблемот.

Зад формалниот јазик на еднаквоста се крие неформална хиерархија на припадноста. Едни се сметаат за „природни“ носители на државата, а другите за гости на кои им е дозволено да зборуваат само за „своите“ етнички прашања. Па и тоа – само кога ќе им биде дозволено.

Таа хиерархија е силно присутна во јазикот и јавните навики, но не останува само таму. Таа се пресликува и во институционалниот поредок кој одредува кој е видлив, кој е признаен, кој е именуван, а кој останува на маргините на уставната и политичката заедница.

Во земјата постојат и заедници кои сè уште не се експлицитно внесени во Уставот. Тука е и бугарската заедница, околу чие внесување (заедно со уште неколку други заедници) веќе со години се блокира европскиот пат на Северна Македонија. Отпорот кон ова прашање открива длабок проблем, а тоа е неспособноста на политичките и општествените елити да прифатат дека граѓанската држава не се гради со бришење на различностите, туку со нивно признавање и еднаква заштита.

Едноставно е. Вистинскиот граѓански пристап кон човековите права и слободи – гарантирани со Уставот, законите и меѓународното право – не смее да ги ограничува, селектира или рангира правата според тоа дали некому му изгледаат „премногу етнички“.

Граѓанската држава не е држава без заедници. Таа е држава во која ниту една заедница не смее да биде над другите, но ниту една не смее да биде избришана во име на лажното граѓанство.

 Текстот е сопственост на ЦивилМедиа,мк

 

колумна Џабир Дерала
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026

СОЗИС: Украинците повеќе им веруваат на генералите отколку на Зеленски

August 7, 2026
shortcut
ФОКУС
August 16, 2026

Техеран го повика Вашингтон да признае воен пораз

ВЕСТИ August 16, 2026

Ормускиот теснец ќе се отвора и затвора исклучиво под команда на Иран, изјави заменик-шефот на…

Букурешт: Дуња Иванова четврта на Балканот во МТБ маратон во Романија – 73 км. должина и 2.400 м. висинска разлика

August 15, 2026

Њујорк Тајмс: Европа смислува свој формат за преговори за Украина

August 15, 2026

Поглед од морето кон Омиш во пламен – спасувачите објавиja морничава снимка

August 15, 2026
ТИКЕР

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026

СОЗИС: Украинците повеќе им веруваат на генералите отколку на Зеленски

August 7, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.