Здравствените власти потврдија четири случаи на мајмунски сипаници во Белгија, министерот за здравство ја смирува јавноста, a сомнителните и заразени лица со вирусот мораат да одат во 21 дневен карантин, јави дописничката на МИА од Брисел.

Министерот за здравство, Франк Ванденбрук изјави дека, иако треба да се биде внимателен со оваа нова болест која се појави на европскиот континент, сипаниците се, сепак, многу помалку заразни од ковид-19. Мајмунските сипаници, главно, се пренесуваат преку директен физички контакт, сексуален, кожен, но и преку алишта.

Властите ги повикуваат сите што ќе забележат сомнителни симптоми, веднаш да одат во итна помош. Докторите во болниците добиле инструкции како да се справат.

Мајмунските сипаници не се ниту многу опасни, вели министерот за здравство, помалку се заразни од овчите и се препорачува вакцинација.

Белгија вели дека, иако во моментот има „само“ четири случаи, се очекуваат многу повеќе во следните недели, но, сепак, не се очекува експлозија на бројот на заразени.

Европската комисија во текот на минатата недела потврди дека од блиску ја следи ситуацијата на континентот и редовно ќе ја информира јавноста.