Активистите за заштита на животната средина вчера цел ден ги блокираа улиците пред седиштата на белгиската Влада и парламент во Брисел, со барање под итно да биде усвоено климатското законодавство, за кое моментно се дебатира во Законодавниот дом.
Полицијата изутринава ги дислоцираше демонстрантите, кои ноќта ја минаа на улица, па тие од денеска се упатија на друга локација, недалеку од административниот центар на градот, но не се откажуваат од протестите за климата.
Иако првично главната владејачка партија одбиваше да ја поддржи клучна одредба која ќе овозможи побрзо усвојување на законот и поефикасно спроведување на климатските регулативи, премиерот Шарл Мишел утрово сепак најави дека е подготвен на компромис, иако не се и коалициските партнери во Владата, што ќе претстави проблем кога законот треба да се гласа на пленарна седница в четврток, каде е потребно двотретинско мнозинство.
Младите активисти во Белгија со недели протестираат секој четврток и секој викенд и бараат итни мерки за спречување на климатските промени. На 1 февруари, експертска група беше задолжена да изготви предлог-закон за да одговори на овие преокупации.
Предлог-законот предвидува, меѓу другото, да се намалат штетните емисии за 95 отсто до 2050 во однос на 1990 година, преку низа мерки како енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и прилагодување на климатските промени. Експертите сметаат дека секоја година треба да се одржува меѓуминистерска конференција, која секој десет години би усвојувала национален климатски план и долгорочна климатска стратегија. Истовремено, треба да се конституираат надлежни парламентарни комисии, чија задача ќе биде да „обезбедат кохерентност и комплементарност на политиките за борбата против климатските промени“.
Конечно, законот предвидува секоја година во април да се одржи „ден на климата“, ден кога Владата треба да положи сметка пред Парламентот за своите климатски политики.
– Белгиската климатска политика мора да биде водена од принципите на социјална правда, единство и напредок и не смее да се развива на штета на биодиверзитетот, квалитетот на воздухот или на водата, наведуваат експертите.
Младите активисти, од своја страна, ќе продолжат да ги окупираат улиците најмалку до вторник, кога за законот треба да се дебатира на комисиско ни




