Фудбалот има предност пред Трамп. Белгиското раководство вечерва ја гледа утакмицата Белгија-Франција на Светскиот фудбалски шампионат и ниту еден од високите функционери на Белгија не отиде на аеродром да го пречека Доналд Трамп.
Трамп и Меланија вечерва околу 21 часот пристигнаа во Брисел а таму ги пречекаа американските амбасадори во ЕУ, НАТО и Белгија. Ни трага од белгиското раководство или кралот.
Премиерот Шарл Мишел замина во еден град во белгиската провинција да ја гледа утакмицата а кралот Филип отиде во Русија во Санк Петерсбург да биде во публиката. И министерот за надворешни работи е во Русија за да ја претставува белгиската федерална Влада во оваа земја.
Така, од белгиска страна на аеродромот беше шефицата на белгискиот протокол амбасадорката Франсоаз Густин.
Според белгиските медиуми, ова е вообичаена процедура. Во Белгија многу често доаѓаат високи лидери па белгиското раководство би требало своето време да го минува на аеродром. Оттука, нема посебен третман ни за Трамп.
Сепак, минатиот мај, при првата посета на Трамп во Брисел за инаугурација на новата зграда на НАТО, тој беше пречекан од премиерот Мишел и неговата сопруга. Потоа беше примен кај кралот Филип.
Но минатата година немаше вака значаен фудбалски натпревар со Белгија во главната улога.





