По неколкумесечни размислувања, сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, денеска објави дека повторно ќе се кандидира за претседател на САД во 2020 година. Тоа ќе биде втора последователна кандидатура за номинација од Демократската партија, откако загуби од Хилари Клинтон во 2016 година.
Одлуката Сандерс ја објави во интервју за јавното радио во Вермонт утринава.
Сандерс (77) влегува во трката за номинација за претседателските избори 2020 година како еден од фаворитите, што се смета за исклучителен пресврт кај Демократите, бидејќи овој социјалист по убедување пред три години се сметаше како политички аутсајдер. Денес, Сандерс е еден од најпопуларните политичари кај демократските гласачи, чија политичка агенда – пакет прогресивни предлози за проширување на здравствената заштита, проширување на мрежата за социјална сигурност и бесплатно образование – беше прифатено од страна на многумина од водечките политичари во Демократската партија.
-Со задоволство можам да кажам дека секој објективен набљудувач ќе го потврди она што го мислам, а тоа е дека во последната година и половина, Демократската партија се движи во далеку попрогресивна насока отколку што беше пред да се кандидирам за претседател, изјави Сандерс во интервју за Си-Ен-Ен минатата година.
Деновиве Сандерс и неговите помошници укажуваа дека одлуката на крајот ќе се претвори во многу поедноставно прашање: Дали тој е најдобриот кандидат за да го порази претседателот Доналд Трамп следната година.




