Потребно е да се фокусираме на развојот на човечкиот капитал, не само декларативно, туку и суштински, за да ја зголемиме конкурентноста на македонската економија на среден и долг рок. Владата во моментов изработува Стратегија за развој на човечки капитал, којашто треба да овозможи  забрзан, инклузивен и одржлив развој. Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими, на состанокот на Конституенцата на ММФ и Групацијата на Светска банка, во којашто членува нашата земја, а којшто беше одржан во рамки на Есенските средби на ММФ и СБ.

– Луѓето се најзначајниот извор со којшто располагаат земјите. Земјите коишто дале висок приоритет за развој на човечкиот капитал остваруваат одлични резултати во делот на растот, вработеноста, како и во намалување на доходната нееднаквост и во намалување на сиромаштијата. Ние ја делиме истата визија во којашто луѓето ќе се гледаат како клучен фактор за инклузивен и одржлив развој. Во моментов, работиме на Стратегија за развој на човечки капитал во којашто ќе ја пресликаме таа визија во поврзани меѓусекторски политики и акции коишто ќе обезбедат подобар и попродуктивен човечки капитал, истакна Бесими.

Стратегијата за човечки капитал, како што потенцира Бесими, се темели на четири столбови: подобрување на квалитетот на услугите во образованието, здравството и социјалната заштита; ставање многу посилен акцент на потребите на ранливитекатегории; зголемени инвестиции во човечки капитал и истовремено зголемена ефикасност на инвестиции; и зајакнување на управувањето и зајакнување на капацитетите на секторите за човечки развој.

– Инвестирањето во човечкиот капитал е најважниот фактор на дологорочниот економски раст. Второ, инвестирањето во квалитетниот човечки капитал и широкиот пристап до квалитетното здравство и образование се вткаени во принципот на еднакви можности. И трето, исто така ни помага да креираме порамномерна распределба на придобивките од развојот, но и овозможува да се зголеми позитивното влијание на другите инвестиции, како на пример, оние во физичката инфраструктура. Овие предности не се случуваат веднаш и затоа посветеноста е особено важна, рече Бесими.

На состанокот на Конституенцата, воведно обраќање имаше вицепремиерот и министер за финансии на Белгија, Винсент Ван Петегхем кој истакна дека јавните и приватните инвестиции во модерна физичка, дигитална инфрастуктура, обновлива енергија, квалитетно здравство и образование ќе помогнат да се создадат нови работни места, да се зголеми продуктивноста и да се развијат нови генератори на растот.

Ваквите инвестиции, како што потенцира тој, ќе треба да бидат опфатени со структурните реформи во делот на стимулирање претприемништво и иновативност и активни политики на пазарот на труд.

– Во Европа, имплементацијата на Планот на ЕУ за заздравување и отпорност ќе придонесе да се отпочне со потребните политики коишто ќе придонесат да се пренасочите од борба со пандемијата до инвестиции и реформи коишто на долг рок ќе ја зајакнат економијата на ЕУ, рече тој.