659 е вкупниот број на неевидентирани лица коишто се внесени во евиденција согласно Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, според податоците добиени од Управата за водење на матични книги. Од нив се доставени 211 барања за упис во посебната матична книга, што значи, ако го споредиме со вкупниот број на неевидентирани лица, кој изнесува 659, неспорно е заклучокот дека 448 лица или околу 70 проценти од вкупниот број, сè уште не поднеле Барање за упис во матичната книга на родени, покажува Посебниот извештај за состојбата со неевидентираните деца во матичните книги на родени по примената на Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени.
Управата нема информација ниту колку деца се родиле по јавниот повик
Заменик-народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа, која на денешната прес-конференција го презентираше извештајот, изјави:
– Во однос на бројот на неевидентирани деца, нешто што нас, како оддел за заштита на правата на децата посебно нè интересира, деца кои што се родени по завршување на јавниот повик а не исполнуваат услови за запишување во матичната книга на родените согласно закон, имајќи во предвид дека законот, и оваа категорија лица ја има земено предвид, за жал, добивме информација дека Управата не располага со информација за деца чие што раѓање е по јавниот повик, а за кој важи Законот за неевидентирани лица, истакна Мустафа.
Извештајот се заснова на истражување од 2018 година кога беше распишан јавниот повик за евидентирање на лица чии што раѓање не е евидентирано во Матичната книга на родени, заклучно со април 2021 година.
Таа дополни дека Управата, по нивно барање, изјавила дека не располага ниту со информации за место на живеење на лицата како и тоа колку од нив се пријавени во центрите за социјална работа согласно местото на живеење, а, како што кажа, видно од одговорот, управата нема ниту податок за бројот на постапки кои што се во тек за дополнителен упис во матичната книга на родените, заклучно со април 2021 година.
– Проблемот со неевидентираните лица не е нов и не е прв за кој што информира народниот правобранител, вклучително и за проблемот со неевидентирани деца во матичната книга на родени и дополни дека во нивните посебни извештаи, скоро во секој годишен извештај алармираат за недозволивоста дете да остане надвор од матична евиденција на родени. Од вкупниот број, 184 лица, кои што поднеле Барање за упис во 2020 година, за 44 лица, што претставува околу 24 проценти, управата донела решение за издавање извод од посебната матична книга и за истата се издадени изводи од посебната матична книга. Анализата на добиените податоци по возраст, упатува на заклучок дека најголемиот број од лицата, 397, што претставува 60 проценти од вкупниот број неевидентирани лица се деца под 18 годишна возраст. Од лицата кои го пополниле прашалникот и притоа се изјасниле за својата етничка припадност, најголем број, според податоците на Управата се роми – 428, албанци – 88, турци -20, бошњаци – 3, срби – 2 и едно лице од влашката етничка заедница, образложи Мустафа.
Повеќе приемни денови и повеќе стручен кадар
Таа го потенцираше недостатокот на денови определени како приемни за неевидентираните лица да поднесат барање како и недостатокот на стручен кадар определен за тоа и апелираше дека е неопходно истите да се подобрат.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, во врска со тоа како државата ќе го реши проблемот со матичната евиденција на овие граѓани, денеска изјави дека процесот за внесување на неевидентираните лица во матичната книга на родени ќе продолжи и понатаму, со цел овие лица да може да ги уживаат сите привилегии како останатите граѓани во државата.
Генералните препораки коишто народниот правобранител ги наведува се да се разгледа можноста рокот за поднесување на барања за упис да се продолжи за една година, да се прошири опсегот на идентификационата исправа, како и да се уреди прашањето за упис во посебната матична книга на умрените за лицата кои починале а за кои е во тек постапка за упис и кои што уште не се евидентирани.
– Државата, преку институциите, според народниот правобранител, целосно треба да ја преземе одговорноста за идентификација, регистрација и вклучувањето на правно невидливите лица во системот, односно, повеќегодишниот проблем со неевидентираните лица и деца да го реши на системски начин, трајно, со почитување на меѓународните конвенции и домашната регулатива, заклучи Мустафа.
За целите на истражувањето биле подготвени прашалници коишто биле доставени до надлежната Управа за водење на матични книги, како и до дел од граѓанските организации за кои што имале сознание дека повеќе години работат на проблематиката со неевидентираните лица а направена е и анализа на правната регулатива, како меѓународна така и домашна со посебен акцент на тоа што уредува Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени.
Сали почина откако 10 години се обидувал да дојде до матичен број и извод на родени
Еден од оние коишто 10 години се обидувал добие матичен број и извод на родени од Управата за водење матични книги е матурантот Тони Сали, кој починал пред една недела на 19 години.
МВР соопшти дека му го нашле телото на улица во Шутка без траги на насилство. Причините за прераната смрт на ова момче не се знаат, затоа што ова момче немајќи извод, никогаш немаше ни здравствена книшка, а ни лична карта.
За голготата на ова момче и на неговото семејство пред Управата за водење матични книги, каде што подолго време е директор Бујар Дардишта од ДУИ, алармираше Народниот правобранител.
Љубица Балабан