Сé додека не биде пронајдена втората црна кутија од авионот на Germanwings кој во вторникот удри во француските Алпи, не може со стопостотна сигурност да се тврди дали копилотот со намера го урнал авионот. “Ова е сериозна точка во истрагата но не е и единствената”, изјави за агенцијата АФП еден од француските членови на истрагата кој со група свои колеги е во Дизелдорф каде што заедно со германската истрага работат за да се открие целата вистина за оваа авионска несреќа.
Личноста на копилотот, за кој постојат сомненија дека намерно го урнал авионот, кој се чини имал психолошки проблеми, е една од точките на истрагата. “Имаме повеќе елементи кои ни дозволуваат да одиме во таа насока на причините на несреќата но тоа не се единствените елементи”, изјавил генералот Жан-Пјер Мишел, заменик директор на судската полиција на француската жандармерија. Тој не ја отфрла ни можност за “ненамерна грешка или технички проблем”.

Генералот Жан-Пјер Мишел, заменик директор на судската полиција на француската жандармерија
Тој додаде дека во овој момент се уште нема посебен елемент во животот на копилотот кој би го објаснил гестот на Андреас Лубиц, како на приватен или професионален план.
Според потврдата на еден лекар, пронајдена во домот на копилотот во Дизелдорф, Лубиц бил на боледување на денот на летот кој трагично заврши со смрт на 150 лица. Оваа потврда открива дека тој имал психолошки проблеми, како што објави германскиот печат.
“Се обидуваме да откриеме дали имало нешто во неговиот живот што би го натерало да го урне авионот”, вели Мишел додавајќи дека испитувањето на неговата животна околина би можело да донесе одлучувачки елементи во истрагата.
Тој исто така ја подвлече важноста на втората црна кутија која се уште не е пронајдена на местото на несреќата во француските Алпи. “Важноста на оваа кутија е голема бидејќи може да ни каже што се случувало во последните минути со командите на авионот и да откриеме дали се работи за намерен акт или ненамерна грешка или технички проблем”, прецизираше Мишел. Според него, за да се утврди вистината потребно е да се испитаат сите елементи во кои втората црна кутија има голема важност.
Синдикатот на француските пилоти во четвртокот остро реагираше на текстот на Њујорк Тајмс во кој беа откриени елементите од слушањето на првата црна кутија која ги снима разговорите и звуците од пилотската кабина. Синдикатот смета дека тој што му ги открил овие елементи на Њујорк Тајмс направил голема грешка.
Утредента, во четвртокот, обвинителот на Марсеј морал да го потврди пишувањето на американскиот весник иако правилата на истрагата наложуваат да се чека проноѓањето и испитувањето на двете црни кутии пред сето тоа да се објави. Ваквото однесување може да донесе погрешни заклучоци и за истрагата и за јавноста и особено за семејствата на загинатите патници и персоналот на авионот.
Жерар Арну, претседател на комитетот за воздушна безбедност на една француска телевизија изјави дека три елементи од она што беше објавено се необични.
Така, изјавата за дишењето на копилотот за кое беше речено дека се слуша цело време во текот на спуштањето на авионот е чудна. Поради тоа што во пилотската кабина звукот на моторите е многу силен и тешко се слуша дишење на црната кутија.
Потоа, во изјавите на обвинителот на Марсеј беше речено дека се слуша звукот со кој копилотот го уклучил копчето за спуштање на авионот. Арну вели дека тоа копче не произведува никаков звук и дека вистината дали копчето било уклучено или не ќе го каже втората црна кутија.
Конечно, не станало збор за звукот по барањето на пилотот да му се отвори вратата кога сакал да влезе во кабината. “Кога пилотот бара отворање на вратата со еден код и доколку нема одговор од кабината, тој тоа го прави со специфичен итен код. По 30 секунди вратата се отвора сама. Освен ако пилотот ја спречува вратата да се отвори. Но не слушнавме ништо за силниот звук што овој код го прави и кој трае 30 секунди бидејќи овој аларм е многу силен”, вели Арну.
Според него, можеби ова е пропуст во изјавите на обвинителот но секако да втората црна кутија мора да ја “каже” својата содржина за да се утврди вистината.




