Десетина големи меѓународни медиуми како и неколку дигитални гиганти се приклучија на иницијативата на „Би-Би-Си“ за борба против лажните вести. Кон проектот се приклучија агенциите „АФП“ и „Ројтерс“ и Институтот „Ројтерс“, Европската унија на емитери (ЕБУ), весникот „Фајненшл тајмс“, медиумската мрежа „Фрст драфт“, весниците „Хинду“ и „Волстрит џурнал“, ЦБЦ/Радио Канада, како и Фејсбук, Гугл и Мајкрософт.
Проектот, меѓудругото, вклучува и создавање систем за предупредување на партнерските организации на најопасните лажни информации кои го загрозуваат животот на граѓаните или демократските процеси за време на изборниот период.
Иницијативата на „Би-Би-Си“ опфаќа и заедничка кампања за медиумска едукација и размена на искуства, посебно во врска со важните избори. Исто така, се работи на олеснување на пристапот до јавни информации за време на изборите.