Комичарот Бил Козби сексуално ја нападнал Џуди Хат во вилата „Плејбој“ во Лос Анџелес во 1975 година, кога таа била тинејџерка, гласи заклучокот на судските власти во американската сојузна држава Калифорнија, во граѓанската тужба против познатиот актер кој е должен да ѝ плати 500.000 долари отштета за душевна болка по немилиот настан.
Џуди Хат сведочеше дека Козби (84) ја поканил неа и еден пријател во вилата кога таа имала 16, а тој 37 години, па ја принудил на секс.
Пресудата е донесена, речиси, една година по ослободувањето на актерот од затвор, кога Врховниот суд на Пенсилванија ја отфрли пресудата за сексуален напад во друг кривичен случај, поради правни пропусти.
Американскиот актер, кој лично не се појави на судењето, ги отфрли наводите од обвинението. Против оваа пресуда неговата одбрана ќе поднесе жалба, изјавија од тимот што го застапува Козби.
Бил Козби е можеби најпознат по улогата во семејната комична ТВ-серија „Козби шоу“ од 80-тите години од минатиот век, а некогаш беше познат како „таткото на Америка“ и национален пример за татковски и семеен морал и етика. Во 21. век, тој се соочи со десетици обвиненија за сексуални напади, недолично однесување и силувања кои почнале уште во 1960-тите, а се спротивни од дотогашните претстави за него.




