Министерот за транспорт на Турција Бинали Јилдирим денеска ќе биде избран за претседател на владејачката турска Партија на правдата и развојот (АКП) и за премиер на земјата.

Јилдирим е близок соработник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и тој ќе дојде на местото на Ахмет Давутоглу, кој поднесе оставка од лидерската позиција во партијата и премиерската функција по серијата несогласувања со шефот на државата.

Јилдирим е единствениот кандидат за лидер на АКП и тој ќе биде избран денеска на специјалниот партиски конгрес, изјави портпаролот на партијата, Омер Челик.

Јилдирим изјави дека неговата номинација е резултат на консултациите меѓу приближно 800 важни членови на АКП.

– Ќе ги вложиме сите напори за да работиме во целосна хармонија, пред се со нашиот основач и лидер, а потоа со нашите колеги на сите нивоа на партијата за да ги исполниме целите на нашата земја, рече Јилдирим.