Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека  Буџетот е во одлична кондиција и оти ќе нема потреба од поголемо задолжување до крајот на  годинава.

-Последните податоци се навистина одлични од аспект на приходи во Буџетот, во сите ставки имаме зголемување, ако се направат споредби со истиот период во 2019 година, а да не споредуваме со 2020 година, кога имавме криза. Еве во делот на придонеси, каде некои велат дека е лошо, ние во Владата велиме има подобрување, има зголемување од 400 милиони денари, во споредба со 2020 и 2019 година и некаде зголемување од околу 7 проценти. Во делот на Данокот на додадена вредност, зголемувањето е за околу 1,5 милијарди денари или околу 250 милиони евра, рече Битиќи во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Овие параметри, потенцираше, ни покажуваат дека кондицијата на Буџетот е добра, не се потребни големи задолжувања, освен она што е планирано со среднорочниот план за задолжување, а кој треба да одговори на потребите за развој. Интервентниот план за инвестиции ни даде проекција дека во нашата држава на среден рок ќе се вбризгаат инвестиции, приватни и јавни, од околу 8,2 милијарди евра, за да се подобрат состојбите во различни сектори.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека задолжувањата во периодот на коронакризата, а кои изнесуваат околу 10 проценти од БДП, се направени исклучиво за да се одговори на предизвиците со кои се соочија стопанството и граѓаните. Сите средства од Буџетот, посочува, се транспарентно прикажани и се знае каде завршил секој денар, независно дали е од задолжувања или од други приходи.

Задолжувањата во ковидкризата, наведе Битиќи, ни помогнаа да го намалиме дефицитот во Буџетот, со оглед на тоа што поради Ковид-19, дефинитивно се намалија приходите во Буџетот, а беше потребно да се сервисираат сите услуги и трошоци кои се преземени како обврски на државата.

– Во ниту еден момент немаше ситуација да доцнат пензиите, социјалната поддршка, се справувавме навремено од здравствен аспект со коронакризата, навистина соодветно одговоривме на предизвикот кој ни го донесе оваа криза од секој аспект. Несоодветни се сите споредби на задолжувањата направени во ковид периодот, кога задолжувањето изнесува 10 проценти од БДП, а ако го споредиме со другите земји од Европска Унија, таму задолжувањата одат и до 30 проценти од БДП, и таму никој тоа не го оспорува. Споредбата со периодот од 12 години претходно во Северна Македонија, кога има покачување на задолжувањето за 27% од БДП, а се креирани споменици и бели палати, мислам дека е несоодветна споредба. Ние минатата година, за да имаме ликвидни средства, за да одговориме на реалните потреби на граѓаните и стопанството, интервениравме со задолжување и го намаливме падот на БДП за 4,2 проценти. Доколку не интревениравме, падот ќе изнесуваше 8,7 проценти, а ние завршивме со пад на БДП во 2020 година со 4,5 проценти, рече Битиќи.

Тоа, дополни, е умешноста на Владата, затоа некој не избира, да одговориме со вистински мерки кога тоа на граѓаните им е потребно. -Се додека е овој состав на Владата, се додека сум јас во Владата, ако треба ќе се задолжиме онолку колку што треба за да одговориме на потребите на граѓаните, рече Битиќи.