Тешки борби се водат на, речиси, целата територија на Украина во седмиот ден од руската инвазија на земјата.
Херсон
Русија тврди дека ја презела контролата врз јужниот украински град Херсон, при што се наведува дека во текот на ноќта се заземени железничката станица и пристаништето.
Од друга страна, пак, локалните власти тврдат дека Херсон сè уште е под украинска контрола. Украинците тврдат дека продолжуваат со одбрана на Херсон и ги демантираат тврдењата на Москва дека го зазела градот.
Ако се потврдат тврдењата на руските власти, тогаш Херсон би бил најголемиот град кој е ставен под нивна контрола за време на седумдневните борби.
Мариупол
Тешките руски артилериски и воздушни напади продолжија во населените подрачја, меѓу кои и градот Мариупол. Сепаратистичките сили го опколија тој град кои брои околу 400.000 жители.
Руските сили се надеваат дека ќе го заземат Мариупол и на тој начин би го довршиле копнениот коридор кој би го поврзал Крим со јужна Русија.
Русија наводно има поморски сили во Црното Море кои се подготвуваат за истоварување и да ги отсечат Украинците од пристап до Азовското Море. До такво распоредување на силите дојде неколку дена по освојувањето на Русите на Бердњанск, јавува „Скај њуз“.
Харков
Харков ги претрпе едни од најтешките воздушни напади, а во текот на ноќта е нападната и воената болница во градот. Украинскиот парламент посочува дека Русите гранатирале училиште во Харков , а заменик шефот на регионалната администрација изјави дека ракета го погодила и објекдот на градското Собрание во Харков.
Регионот Суми
Украински воени извори наведуваат дека руските сили се обидуваат да ги задржат Суми, Лебедин и Охтирка.
Житомир
Руските сили утрово истрелаа проектил и врз Житомир. Најмалку четири лица загинаа во ракетниот напад кој заврпи во неколку куќи. Украинското Министерство за надворешни работи наведе дека руските сили уништиле и породилиште во Житомир.
Киев
Руските сили бележат напредок и во главниот град Киев, објави денеска градоначалникот Виталиј Кличко. Киев во изминатите шест дена успешно ги одбиваше руските налети, а аналитичарите веруваат дека конвојот би можел да биде таму како поддршка на обидите за инвазија од запад.
Чернихов
Борби се водат и во Чернихов. Украинската војска вели дека северниот град Чернихов, кој се наоѓа меѓу Киев и границата со Белорусија, бил мета на ракети по неуспешниот обид за преземање на градот.
Ракети ја погодиле управната зграда во близина на градската болница, соопшти војската. Експлозивниот бран нанесе штети на болницата, но пациентите во тој момент биле дислоцирани во засолништа. Оштетувања се забележани и на залихите со вода.
Конотоп
Руските сили се обиделе да влезат и во Конотоп, град на украинскиот исток, меѓутоа по преговорите е договорено дека ќе нема смена на локалните власти.
Лисичанск
Русите погодија ТВ столб во Лисичанск, изјави Антон Герашченко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина. Во тој град е погодена и пиварница.




