После водителката Лила Филиповска утрово, во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за давање исказ кај обвинителката Вилма Русковска дојде и бизнисменот Сиљан Мицевски, кој има дадено пари на Меѓународниот сојуз на Боки 13-ка.
Пред да влезе во зградата на Обвинителството тој на новинарите им кажа дека вторпат доаѓа тука и дека неговиот план е да ги бара парите што ги дал на Меѓународниот сојуз на Боки 13-ка.
„Не сум дал пари на пензионерка. Пари сум дал на Меѓународниот сојуз на Јовановски и нормално дека ќе си ги барам назад“, рече бизнисменот Силјан Мицевски.
Претходно, по апсењето на Катица Јанева, Русковска изјави дека освен Камчев, повикала и други бизнисмени но тие негирале дека дале пари.
„Тој дојде кај мене и пријави. Кои се другите, навистина не знам. Јас имав повикано неколкумина. Дел од нив дадоа искази, дел негираа дека дале какви било пари“рече Русковска.
На 19 август, во Обвинителството сведочеше пензионерката Лилјана Тодоровска, на чија сметка бизнисменот Силјан Мицевски на име на авторски хонорар уплати 720 илјади евра за наводен проект за старски домови.
Тодоровска рече дека парите ги подигнала во кеш и ги дала на одредено лице од Меѓународниот сојуз на Боки 13, без да прецизира за кого точно станува збор.




