Канадската тенисерка со романско потекло, Бјанка Андрееску е победничка на годинашното издание на „Роџерс Куп“. Таа водеше со 3:1 во првиот сет во финалето на турнирот во Монтреал кога Серена Вилијамс реши да го предаде мечот поради болки во грбот.
„Жал ми е што не бев во можност да продолжам. Едноставно не можев. Благодарна сум што воопшто се појавив овде, благодарна сум и на мојот тим. Ова е тешка година за мене, но продолжувам натаму“, се обрати Серена Вилијамс до публиката со солзи во очите.
Уште пред почетокот на мечот беше јасно дека Американката се мачи и тешко дека ќе издржи до крај што стана јасно по 19 минути игра. Но, останува нејасно дали ќе успее да се опорави до Ју-Ес опен, последниот гренслем во сезоната, што ќе почне на 26 август и ќе трае до 8 септември.
Андрееску е првата домашна тенисерка со титула на „Роџерс Куп“ по пауза од 50 години.