Поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер своевремено го предупредил Муамер Гадафи да се повлече од лидерската функција во Либија и да најде безбедно место и да замине. Тоа се случило за време на т.н Арапска Пролет кога во неколку земји од регионот во кој е и Либија, се одвиваа масовни протести против лидерите кои важеа во светската јавност за диктатори.
Во електронските пораки кои ги објави американскиот Стејт Департмент, се подвлекува и транскрипт од разговорот на Блер со Гадафи на 25.февруари 2011 година.
Полковникот Гадафи во фокусот на светската јавност дојде кога силите на неговиот режим пукаа кон учесниците во про-демократските протести.
Шефот на кабинетот на Блер, Кетрин Ример, вели Блер испратил “многу силна порака“ дека насилството морало да прекине, а Гадафи да се повлече и да дозволи мирна транзиција во неговата земја.
„Клучна работа е крвопролевањето и насилството да запрат. Доколку имаш некое безбедно место, подобро да одиш таму, бидејќи ова нема да заврши мирно и доколку нема процес за промени. Таквиот процес може да се менаџира, и мора да најдеме начин како најдобро да го направиме тоа. Разговарав со луѓе, сите тие сакаат мирна разрешница на ова“, рекол Блер во повикот.
Блер барал од Гадафи да се заангажира за мирен процес и да ги повлече своите сили и да не ги тероризира протестите, а тој ќе пробал со владите од Западот да изнајдат мирно решение на кризата во Либија.
„САД и ЕУ во моментов се во тешка позиција и морам да дадам гаранција дека ова ќе заврши мирно“, му порачал Блер.
„Доколку луѓето видат дека лидерот се повлекува, тие ќе бидат задоволни. Ако ова продолжи уште некој ден, ситуацијата ќе ескалира. Го велам ова, затоа што сум длабоко уверен. Ако мнгу брзо не најдеме разбирање, ќе дојдеме до ситуација од која нема враќање“, стоело понатаму во пораката, открива Ример.
Наредниот ден по оваа електронска порака, Советот за безбедност на ОН донесе резолуција со која ги замрзна сметките на Гадафи, го ограничи неговото движење, а неговата влада се најде пред клупите на Меѓународниот кривичен суд.
Гадафи своето бегство го започна во август, но по два месеци беше пронајден и убиен.




