Соединетите Американски Држави остро го осудија предлогот на рускиот Парламент за признавање на независноста на две украински сепаратистички републики Доњецк и Луганск.
Таков потег би претставувал грубо кршење на меѓународното право, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Рускиот Парламент вчера изгласа Резолуција и го повика претседателот Владимир Путин да ги признае двата сепаратистички региона во источна Украина како „суверени и независни држави“, во момент на зголемени тензии со Западот поради распоредување трупи од Москва долж украинската граница.
Одобрувањето на овој повик од Кремљ би значело целосно отфрлање на заложбите на руската Влада кон договорите од Минск, истакна Блинкен, мислејќи на историскиот договор од 2014 година, чија цел беше да се реши конфликтот во Украина.
Тој додаде дека таквата одлука ќе ја поткопа „наведената посветеност на Москва да продолжи да се ангажира во дипломатијата за постигнување мирно решение на кризата и ќе наложи брз и цврст одговор од САД во целосна координација со нашите сојузници и партнери“.




