Бугарски обвинители покренуваат истрага на потеклото на парите на богатите граѓани кои поседуваат луксузен имот или автомобили.

Главниот обвинител вчера нареди истрага што ќе трае три месеци за потекло на парите на Бугарите кои во 2015 и 2016 година купиле имот во вредност повеќе од половина милион лева или околу 255.000 евра. Таа, според бугарските медиуми, веќе е започната во Софија.

Истрага ќе има и за сопствениците на луксузни автомобили, откако полицијата и даночното биро соопштија дека некои од нив веројатно се вмешани во затајување данок или перење пари.

­

Обвинителите досега откриле 365 Бугари кои имаат купено недвижности поскапи од 255.000 евра во текот на 2015 и 2016 година.

Во Бугарија просечната плата е околу илјада лева, односно околу 500 евра.

Според податоците на полицијата, повеќе од 450 Бугари поседуваат луксузни автомобили од типот „Мајбах“, „Бентли“, „Ферари“, „Ролс Ројс“ и „Ламборџини“.

Бугарија, која моментно претседава со претседателството на ЕУ, е под притисок да му покаже на Брисел дека презема мерки против организираниот криминал и дека се залага за владеење на правото.