Бојко Борисов тргна денес во преговарачки поход за да стане по трет пат премиер на Бугарија. Неговата партија ГЕРБ вчера победи на предвремените парламентарни избори па Борисов влегува во потрагата по партнери кои би влегле во новата влада со него.
Борисов е шеф на конзервативната партија ГЕРБ и познат како добар политички преговарач. Официјалниот резултат на изборите на ГЕРБ му донесе 32,6 отсто гласови и 95 пратеници од вкупно 240 во Парламентот. Со новите избори ГЕРБ доби 8 пратеници повеќе отколку во претходната влада која ја водеше исто Борисов.
Политичките противници на ГЕРБ, социјалистите освоија 27 отсто гласови и 80 седишта во Парламентот.
Откако беа објавени официјалните резултати Борисов почна да остварува контакти со националистичката партија “Обединети патриоти” која е на трето место по број на гласови – 9,1 отсто или 27 пратеници.
Оваа партија е непријателски расположена кон мигрантите, муслиманите и Ромите. Во претходната влада партијата и даваше поддршка на владата но не учествуваше во неа. “Обединети патриоти” бара заострување на односите со Турција и големо зголемување на пензиите.
Според Валери Симонов, лидер на партијата, преговорите за нова влада би можеле да траат цел месец.
Борисов поднесе оставка на крајот на 2016 година откако неговата кандидатка за претседател на Бугарија загуби на претседателските избори.
Борисов за прв пат беше премиер од 2009 година до 2013 година а потоа повторно од 2014 година до 2016 година. И двата мандати беа прекинати пред време поради недоразбирања во владеачката коалиција.
Бугарските аналитичари тврдат дека и оваа влада на Борисов ќе биде нестабилна и покрај поголемиот број освоени гласови.




