Шефот за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Жосеп Борел е против идејата за целосна забрана за издавање на визи за Русите.

„Тоа е многу контроверзен предлог. Некои земји веќе презедоа мерки во врска со тоа, други нема да поддржат такво нешто. Мислам дека не е добра идеја да се забрани влез за сите Руси. Треба да бидеме селективни“, рече Борел на почетокот на дебата за иднината на Европа во шпанскиот град Сантандер.

Тој вели дека на најголемите руски бизнисмени не треба да им се дозволи влез во Европската Унија, но дека има многу Руси „кои сакаат да ја напуштат земјата и кои не се подготвени да бидат таму во ваква ситуација. Не можеме да затвориме врата за тие Руси. Сметам дека тоа не е добра идеја“, рече Борел.