Шефот на дипломатијата на Европската Унија (ЕУ) Жосеп Борел упати повик до рускиот претседател Владимир Путин да не ги признае таканаречените републики Доњецк и Луганска, јави дописничката на МИА од Брисел.
Борел го изјави ова по завршување на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ, што се одржа денеска во Брисел и во најголем дел беше посветен на руско-украинскиот конфликт.
За време на состанок го следевме рускиот Совет за Безбедност со голема загриженост. Разбираме дека конечната одлука сѐ уште не е донесена и го повикуваме Путин да го почитува меѓународното право и Договорот од Минск и да не ги признае Доњецк и Луганска. Во случај да одлучи да го стори тоа ќе реагираме во силен и обединет фронт, рече Борел алудирајќи на санкции против Русија.
Унијата предупреди дека во случај на руски напад, ќе се применат санкции и против Белорусија поради нејзина инволвираност во руската воена политика.
Во ЕУ оценуваат дека Белорусија се однесува како сателит на Русија и делува нетранспарентно.
На Русија и нејзините лидери е да одлучат како сакаат да ги гледа меѓународната заедница и историјата, рече Борел.
На денешниот министерски совет на ЕУ учествуваше и украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба.




