Шефот на дипломатијата на Европската Унија (ЕУ) потврди дека доколку Шведска или Финска бидат предмет на воена агресија од Русија пред да се зачленат во НАТО, ЕУ има слична одредба како членот 5 во Алијансата, јави дописничката на МИА од Брисел.

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, го изјави ова како одговор на новинарско прашање за членот 42.7 на Повелбата на ЕУ кој е сличен на членот 5 на Повелбата на Северноатлантската Алијанса и ги обврзува земјите членки на ЕУ да помогнат на земја мета на напад.

„Јасно пишува дека ако земја членка е нападната на нејзината територија, ако има воена агресија врз земја членка на ЕУ, таа земја може да побара од другите да и помогнат, и другите се обврзани да го сторат тоа, со сите средства, но земјата мора да го побара тоа. Да се надеваме дека тоа нема да се случи никогаш“, рече Борел на прес конференцијата денеска по министерскиот совет за одбрана во Брисел.

Земјите членки разговарале и за зголемувањето на буџетите за одбрана.

Тој оцени дека има подготвеност во ЕУ да се издвои повеќе за одбраната во ЕУ, но потенцираше дека тоа треба да се направи на добар и ефикасен заеднички начин. Од 2008, ЕУ е во процес на разоружување и намалување на воените трошоци, но сега, рече Борел, се наоѓаме во различна ситуација откако започна војната во Украина и ЕУ треба да се „соочи со последиците“ и да го прекине трендот на разоружување.

Истовремено земјите на ЕУ ќе ја зголемат воената помош за Украина за уште 500 милиони евра, со што вкупниот износ од Европскиот Мировен Фонд за Украина ќе постигне две милијарди евра, рече шефот на ЕУ дипломатијата. Паралелно, земјите членки ќе продолжат и да и испраќаат оружје на Украина.

На дневен ред на денешниот состанок беше и ситуацијата во Мали. Министрите се согласиле дека нема повеќе да ги обучуваат воените сили во оваа земја, но нема да ја повлечат мисијата.

„Решивме да ја потврдиме преодната одлука за суспендирање на оперативниот тренинг на малиските воени сили во националната гарда и да ја суспендираме испораката на воена опрема под Европскиот мировен фонд, која беше во тек. Ова не значи дека го напуштаме Сахел, сакаме да направиме повеќе и подобро, и за тоа ќе ги пренасочиме ресурсите во соседните земји, ќе го намалиме присуството во Мали, повеќе нема да има воена обука“, соопшти Борел.

Идната недела на земјите членки ќе им биде поднесена стратешка ревизија на мисијата во Мали, но нема да има укинување на истата, бидејќи за таква одлука е потребна едногласност на сите 27 земји членки, што е многу тешко да се постигне.