Британскиот секретар за надворешни работи Борси Џонсон поднесе оставка, објави Би Би Си, при што се наведува дека причина е што не сакал да даде поддршка на новиот план на Меј за тнр. „мек“ Брегзит.
Тој е вториот клучен министер во Владата на Тереза Меј кој поднесе оставка неколку часа откако тоа го стори секретарот за Брегзит, Дејвид Дејвис, а на негово место е назначен Доминик Рааб, кој досега беше министер за домување, и беше истакнат претставник на кампањата за напуштање на ЕУ за време на референдумот во 2016 година.
Оставката на Џонсон е само 30 минути пред Тереза Меј да се обрати до парламентот во врска со нејзиниот нов план за Брегзит, кој предизвика негодување во нејзината партија.
Во изјавата од Кабинетот на Меј се вели дека оставката на Џонсон е прифатена и наскоро ќе биде објавена неговата замена.
Дејвис се повлече од функцијата со објаснување дека Меј многу лесно се откажала од премногу работи.
Во Конзервативната партија има премногу разлики околу тоа колку Велика Британија треба да ја форсира економијата за сметка на прашања како што се напуштање на надлежностите на Европскиот суд на правдата и ставање крај на слободното движење на луѓе.
Конзервативната партија на Меј има мнозинство во Парламентот само со поддршката на клучните гласови на 10-те пратеници од Демократската унионистичка партија на Северна Ирска, па секоја поделба покренува прашања за тоа дали нејзиниот план би можел да го преживее гласањето.




