Доколку дојдеме на ред да добиеме мандат, ќе го предложиме за премиер Даниел Митов и веднаш ќе го вратиме мандатот. Ова е единствениот чекор што се однесува до нас, изјави претседателот на ГЕРБ, Бојко Борисов, пренесува бугарската телевизија НОВА.

Според него, невидената уставна криза во која претседателот Румен Радев ја втурнал земјата заедно со, како што вели, марионетските партии, го достигнала врвот.

„Јавно ќе го претставиме нашиот состав за Влада, за луѓето да можат да го споредат она што го нудиме во споредба со предлозите на останатите“, рече лидерот на ГЕРБ.

„Како што веќе наведовме, сакаме да останеме далеку од се што се случува во бугарската политика во овој момент. Кога започнуваше изборната кампања, како партија поставивме слоган на своите плакати, кој гласеше „ред во хаосот“. Последниве денови нема бугарски политичар кој не создава хаос. Нашиот слоган се покажа точен. Од „Има таков народ“ велат „време е за нешто ново“. Видовте што е новото – хаос. БСП пак порачуваат „сигурна промена“. Не можам да објаснам како толку пропаднати партии си дозволуваат да зборуваат со таков тон“, додаде Борисов.