Бразилското Министерство за одбрана синоќа соопшти дека пожарите во Амазонија, кои траат 17 дена, се уште не се ставени под контрола.
Во меѓувреме се огласи и Кабинетот на претседателот Жаир Болсонаро, кој соопшти дека тој најверојатно ќе го посети регионот Амазонија кон крајот на неделава.
Како што е наведено, Чиле и Еквадор понудија помош во авиони за гасење на пожарот.
Бразилската сојузна агенција соопшти дека ќе ги истражи наводите дека фармери во бразилската држава Пара на 10 август, кога избувнаа пожарите, повикале на „Ден на пожарите“.
Болсонаро вчера изјави дека спогодбата на Г7 за борба против пожарите во Амазонија овој регион го третира како колонија.
Францускиот претседател Емануел Макрон претходно објави дека Г7 се согласила да издвои 20 милиони долари за борба против пожарите, како и за долгорочната иницијатива за заштита на прашумата, пренесоа американските медиуми.
Макрон вчера, меѓу другото, го обвини Болсонаро за пожарите во Амазонија и повтори дека лаже во врска со промената на неговата политика кон климатските промени и сечата на шумата.
Болсонаро потоа кажа дека смешните и непотребни напади на Макрон за Амазонија се неприфатливи и го обвини дека регионот го третира „како да сме колонија“.
Но магазинот „Форбс“ вчера излезе со напис во кој се тврди дека она што се говори за пожарите во Амазаон е погрешно.
-Светската вознемиреност од пожарите во Амазон е непотребна, пожари таму секогаш имало, сечата на шумите е намалена и Амазон не е „бели дробови“ на Земјата, пишува „Форбс“ во извештајот за пожарите базиран на експерти и новинари кои известуваат од теренот.
Форбс пишува дека Амазон при фотосинтеза навистина создава многу кислород, но дека истиот целосно го троши во процес на респирација, при оксидација на органски елементи во самата прашума.
-Главната идеја е дека во моментов нема зголемување на пожарите во Бразил, коментира изданието.
„Форбс“ ги цитира алармирачките наслови на „Си-Ен-Ен“ или „Њујорк тајмс“, дека „Пожарот во Амазон урива рекорди“, додека водечките репортери пишуваат „Пожар без преседан во изминатите 20 илјади години“. Но според магазинот, статистиката укажува сосема друга слика.
-Додека бројот на пожари во Бразил годинава навистина се зголемил за 80 отсто, споредбено со 2018 година, тој е само 7 отсто повисок отколку просечниот број на шумски пожари во изминатите 10 години, изјави Ден Непстед, водечки експерт за прашумата Амазон.
Еден од водечките бразилски новинари во областа на екологијата, Леонардо Кутињо, укажува дека за време на претседателот Лула и министерката за екологија, Марина Силва (2003-2008 година), во Бразил имало најмногу пожари.
-Но никој тогаш не беше обвинет дека тоа е ризично за Амазон, изјави Кутињо.
Според новинарот, зголемените 7 отсто се пожари на ниското и суво грмушесто растение и на запалените стебла сечени за зголемување на земјоделски обработливото земјиште. Сечата на шумата била намалена за 70 отсто од 2004 до 2012 година, иако малку се зголемила во меѓувреме “но дека тоа е само четвртина од максимумот во 2004“ година.
Форбс дознава дека многу познати политичари, актери и спортисти, како францускиот претседател Емануал Макрон, фудбалерот Роналдо, или пејачката Мадона, на социјалните мрежи објавиле фотографии во поддршка на гасењето на пожарите во Амазон, несвесни дека фотографиите се лажни.
Фотографиите не се всушност од пожари, а некои не се и од Амазон. Фотографијата што Роналдо ја сподели е од 2013 година, и е од јужен Бразил, далеку од прашумата, додека фотографиите што ги постирале Макрон и Леонардо Ди Каприо се стари 20 години.
Мадона постирала 30 години стара фотографија од пожари, а некои славни личности постирале фотографии од други места како Монтана, Индија или Шведска, објави Форбс.




