Борис Џонсон, поранешниот градоначалник на Лондон и еден од главните промотори на Брегзит, денеска изненадно соопшти дека тој нема да се кандидира за лидер на Конзервативната партија на Британија, пренесе Гардијан.
Откако Дејвид Камерон ја најави својата оставка како премиер, во јавноста се повеќе се загреаа шпекулациите дека токму Борис Џонсон ќе стане лидер на партијата и можеби следен премиер на Британија.
Џонсон во својот говор рече дека во пресрет на несигурноста по Брегзит која ја зафати земјата, потребен е силен лидер но тој не е човекот за таа работа.
„Мојата улога ќе биде да дадам секаква можна поддршка за следната конзервативна администрација за да се осигурам дека соодветно ќе го исполниме мандатот на луѓето кој беше испорачан на референдумот и да ја поддржиме агендата во која веруваме, за заборавените луѓе во оваа земја.
И ако тоа го направиме, и инвестираме во нашите деца и ги подобриме нивните животни шанси, ако го продолжиме големото реформско наследство на Дејвид Камерон, верувам дека оваа земја ќе победи и ќе биде многу подобра и попрекрасна од досега“, рече Џонсон.
Борис Џонсон, често нарекуван како британскиот Доналд Трамп, во клучен момент ја поддржа кампањата за заминување на Британија од Европската унија, што драстично влијаеше на јавното мислење и референдумот. Неговиот колега и пријател, Дејвид Камерон, го убедуваше да не го поддржи заминувањето од ЕУ, но тој сепак не го послуша.



