За премиерката на Велика Британија, Тереса Меј, утрешниот ден може да значи конечно започнување на нејзиниот најголем момент во политичката кариера – формално започнување на процедурата за напуштање на Европската Унија.
Преговорите за условите за Брегзит би можеле да започнат уште утре доколку и двата дома на британскиот Парламент ги изгласаат последните пречки за активирање на Членот 50 од Лисабонскиот договор кој ги уредува односите меѓу ЕУ и земјите членки.
Со тоа би започнал две годишниот рок за да се договорат условите за развод меѓу Велика Британија и останатите 27 држави.
Министрите во Владата на Меј побараа јавно од Домот на Лордовите да ги отстранат пречките и да не стојат на патот на излезот, бидејќи пратениците веќе се изјаснија дека ќе гласаат ЗА.
Прво ќе гласа Долниот дом, а се очекува да ги отфрлат амандманите кои ги предложи Домот на лордовите.
Едниот од нив се однесува на правата на Европјаните да останат во Британија по Брегзит, а другиот е во однос на Парламентот да има значаен удел во одлуката за условите под кои ќе се одвиваат преговорите.
А доколку потоа и Домот на Лордовите го прифати предлогот, тој оди на одобрување кај Кралицата, што е само формалност, со што Тереса Меј ќе започне процес за излез.




