Косово и Турција ќе бидат ослободени од визен режим за Шенген зоната доколку исполнат неколку услови, предложи денес Европската комисија (ЕК).
Косово треба да исполни два услови за да можат нејзините граѓани да патуваат во ЕУ: Косово треба да гио ратификува во својот Парламент договорот за обележување на границата со Црна Гора и да покаже резултати во борбата против корупцијата и криминалот.
Извештајот што денес го презентираше ЕК, се вели дека Косово ги исполнило сите услови од патоказот за визна либерализација. Брисел е уверен дека Косово ќе ги исполни и двата поставени услови најдоцна до денот кога предлогот за визно ослободување ќе се најде на масата на Советот на министрите на ЕУ и на Европскиот парламент.
И безвизниот режим за Турција е условен. Анкара треба да исполни уште пет услови од вкупно 72 и тоа треба да го стори најдоцна до крајот на јуни.
Од Анкара се бара поефикасно да се бори против корупцијата, да склучи договор со Европол и да го ревидира своето законодавство за борба против тероризмот.
Предлогот на ЕК за безвизен режим е дел од договорот помеѓу ЕУ и Турција за мигрантите според кој Анкара треба да ги прими назад сите мигранти кои преку Турција дошле во Грција. Договорот е предмет на остри критики на организациите за заштита на човековите права но, потпретседателот на ЕК Франс Тимерманс денес изјави дека договорот ги дава саканите резултати бидејќи денес има помалку од 100 влеза на мигранти на грчките острови додека есенва се работеше за илјадници.
Доколку двете земји брзо ги исполнат условите, безвизниот режим би можел да биде воведен веќе следната есен.



