Британската полиција соопшти денеска дека поднела обвинение против Морис Робинсон, 25-годишен возач на камион, кој беше уапсен откако претходно оваа недела во приколката од неговото возило беа пронајдени 39 безживотни тела.

Предвидено е Робинсон да се појави пред Судот во Челмсфорд во понеделник под обвинение за 39 убиства, заговор за извршување трговија со луѓе и заговор за помагање при илегална имиграција и перење пари.
Тројца други уапсени, маж и жена на 38 години од Ворингтон и 48-годишниот маж од Северна Ирска остануваат во притвор.
Сите тројца се уапсени под сомнение за убиство и заговор на трговија со луѓе.
За едно момче на дваесетина години уапсено од ирската полиција во Даблин, се вели дека е „од интерес“ за истрагата на полицијата во Есекс.
Претходно полицијата соопшти дека напорите за идентификување на 39 лица се насочени кон виетнамската заедница.
Жртвите, за кои полицијата првично веруваше дека се кинески државјани – се наоѓале во приколка ладилник која дошла во Велика Британија преку Белгија.
Полицијата соопшти дека имало „голема раздвиженост“ во виетнамската заедница уште од моментот на откривањето на телата во раните утрински часови во средата.
Многу малку од жртвите имале лични документи, поради што идентификацијата се потпира на отпечатоци од прсти, ДНК и карактеристики по телата како што се тетоважи или лузни.
VietHome, организација која ја претставува виетнамската заедница во Велика Британија, соопшти дека примила фотографии од речиси 20 лица кои се пријавени како исчезнати.




